Пари Сен Жермен го обвини лекарскиот тим на француската репрезентација за повредите на Усман Дембеле и Дезире Дуе. Двајцата заработија повреди додека беа на собир со „петлите“ за светските квалификации. Како резултат на тоа, тие ќе отсуствуваат околу 4-6 недели.
Првакот во Лигата на шампионите тврди дека медицинскиот штаб на Дидие Дешам бил информиран за состојбата на Дембеле и Дуе, но и покрај тоа дозволил да дојде до нивни повреди.
Во таа насока, од ПСЖ побараа да се изготви нов медицински протокол меѓу клубовите и репрезентацијата, за да биде јасно како треба да се постапува во вакви случаи.
Еве што објавија од клубот:
„По потврдата за повредите на своите играчи повикани во француската репрезентација – Усман Дембеле и Дезире Дуе, кои носат сериозни спортски последици за фудбалерите и клубот, Пари Сен Жермен испрати писмо до Француската фудбалска федерација. Во него клубот инсистира на итно воведување на нов, појасен и заеднички протокол за медицинско-спортска координација меѓу клубовите и националниот тим, кој ќе го постави здравјето на играчите и нивната медицинска грижа како апсолутен приоритет.
Пари Сен Жермен, кој го следи здравственото состојба на своите играчи преку целата година и располага со точни и детални информации, ѝ достави на федерацијата конкретни медицински податоци уште пред почетокот на собирот на репрезентацијата. Овие податоци се однесуваа на дозволеното оптоварување и ризиците од повреда кај неговите фудбалери. Клубот жали што овие медицински препораки не биле земени предвид од медицинскиот штаб на националниот тим, како и поради целосниот недостаток на комуникација и консултација со неговите медицински екипи.
Пари Сен Жермен, кој ја потврдува својата посветеност на мисијата на федерацијата и кон францускиот национален тим, чии престиж е заедничка цел, се надева дека овие непријатни случувања ќе го трасираат патот кон создавање на нова формализирана рамка за медицинска координација. Таа рамка треба да гарантира систематична, документирана и двострана размена на информации меѓу медицинските тимови на клубовите и репрезентацијата, како и почитување на засилен принцип на претпазливост при повикување и користење на играчи, особено кога тие се во процес на лекување на постоечка патологија.
Неодамнешните настани, кои се сериозни и можеле да бидат избегнати, треба да доведат до брзи и итни корективни мерки. Клубот е подготвен активно да придонесе за оваа колективна работа во интерес на играчите и целиот професионален фудбал.“