Димитар Данев: Италија е светска сила, но одлучни сме да направиме позитивен резултат

118

Репрезентација на Македонија до 21 година денеска на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид го одработи последниот тренинг пред утрешниот квалификациски натпревар против силната селекција на Италија.

Во рамките на групата Е од квалификациите за пласман на Европското првенство 2027, Македонија и Италија утре ќе ги одмерат силите на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, со почеток од 18:15 часот.

Нашата селекција е во полн состав и без проблеми со повредени фудбалери го пречекува фаворитот во групата. Фудбалерот на Вардар, Димитар Данев, ги сподели своите очекувања пред големиот дуел:

„Очекувам прекрасна атмосфера, полн стадион и победа на Македонија. Кога го носиме македонскиот дрес, императивот секогаш е победа. Респект за Италија, знаеме што значи таа репрезентација за светскиот фудбал, но ние сме одлучни и утре ќе одиме на триумф. Италија е силна во организацијата на играта, треба да бидеме компактни во дефанзива и доволно брзи во нападот“.

Данев потенцира дека поразот од Полска во првото коло е веќе зад нас и дека тимот извлекол поуки.

„Грешките се препознаени, а после мечот во Краков, фокусот ни е целосно на Италија. Како и секоја екипа, така и тие имаат слабости. Ќе дадеме сè од себе да ги искористиме и во Битола да ја израдуваме Македонија, тоа би била нашата честитка за големиот празник.“

ПретходноНајголема награда во историјата на тенисот: Алкараз и Сабаленка добија по 5 милиони долари!
СледноБитола се сеќава… Македонија – Шпанија и гостувањето на Мендиета, Раул… (ВИДЕО)