Македонската фудбалска репрезентација до 21. година вечерва во Битола на „Петар Милошевски“ загуби во второто коло од тековните квалификации против репрезентацијата на Италија. И еден гол им беше доволен на „Азурите“ да победат и да ги однесат бодовите. Македонија може да жали за одиграното особено во вториот дел, кое што го пофали и самиот селектор.
„Излишно е да се коментира Италија, фаворитот во групата. Голема благодарност кон Битола како град и навивачите. Одлично што ФФМ овозможи ова да биде нашата база. Тежок меч, влеговме нервозно. Мислам дека го преценивме противникот. Потоа се опуштивме, а во второто полувреме и домониравме. Ако продолжиме вака да играме мислам дека ќе бидеме сосема во ред, и ќе освоиме бодови.
Стигнуваме до трета зона, но очигледно дека тој завршен пас, таа завршница ни фали. Ќе мора играчите тоа и во клубовите да го работат. Попусто шаблони, попусто тактика, ако ние во самата завршница не сме на потребното ниво.
Играчите кои играат за Италија и оние на Македонија се од различни нивоа. Концентрацијата кај италијанците е сосема поинаква. Тоа се виде и кај голот. Момент на деконцентрација. На Италија и е доволен и момент за да постигне гол. Мора да се поработи и на тоа“ – изјави селекторот Горан Станиќ.










