Со дерби дуелот меѓу Алкалоид и ГРК Охрид денеска ќе биде комплетирано првото коло во Супер-лигата. Мечот се игра во салата во Автокоманда, ова дефинитивно ќе биде поинаква пресметка со оглед на тоа дека охриѓани направија бројни промени во составот.
Алкалоид во првото коло влегува во двомечот со Хановер за пласман во групната фаза во Европската Лига. Младиот тим на Кирил Лазаров покажа дека може да игра во бундес-лигашки брз ритам, што пак нема да биде случај во домашниот шампионат, каде се уште нападите се спори, голем дел од екипите и натаму се чекори наназад за европскиот и светски стил на игра.
„Немаме друга опција да се адаптираме, веќе имаме искуство“, кратко искоментира Лазаров.
Што се однесува до денешниот меч со ГРК Охрид (18:30 часот), тој потенцира дека очекува интересна пресметка.
„Охрид покажа дека е добра, солидна модерна екипа. Мечот ќе биде доста неизвесен и интересен за гледање. Со оглед на она што можев да го видам од претходните нивни средби, очекувам дуел со голем број на голови“.