Пелистер на првиот меч во Лигата на шампиони запиша победа, откако на домашен терен славеше против Загреб со 25-23 (13-12). Актуелниот македонски првак играше пред полни трибини, салата „Боро Чурлевски“ беше исполнета до последното место. Ова е прва победа на Пелистер во пресметките со хравтскиот тим, и истата е заслужена.
Хеидарирад имаше шест одбрани, со последната не му дозволи на Загреб да погодоци за реми, успеа и да се запише во листата на стрелци. Манасков имаше осум гола, додека Кузмановски шест. На другата страна Главаш запиша осум погодоци.
Пелистер го отвори мечот со 4-1, две одбрани имаше Никола Митревски. Актуелниот македонски првак со голот на Манасков од седум метри поведе со 7-3 во 13-та минута. Првите три гола Загреб ги постигна од седум метри, додека првиот погодок од игра го реализираше во 12-та минута, момент кој им даде ветар во грб за 8-7, беше и 9-8. Пелистер врати на плус три, но гостите на одморот успеаја да дојдат на минус еден (13-12).
Второто полувреме почна жестоко, Кузмановски доби исклучување, а потоа и Карачиќ и Хосни, Загреб искористи и со серија од 4-1 поведе со 14-16 во 35-та минута. Пелистер се разбуди, врати со иста мера, ги казни техничките грешки на противникот и поведе со 19-17 на средината на второто полувреме. Две важни одбрани имаше Хеидарирад.
Пелистер во 52-та минута дојде на плус три (22-19), а иранскиот голман продолжи да блеска. По голот на Кузмановски за 23-20, наместо македонскиот тим да остане стабилен, му даде шанса на Загреб да се врати во живот 23-22. Радивојевиќ постигна важен гол за 24-22, Кузмановски пропушти шанса да стави печат. Карачиќ погоди за 24-23, Пешевски не реализираше. За гостите остнаа 14 секунди, иранскиот голман одбрани и ги постави конечните 25-23.
Во следното коло од ЛШ, Пелистер е гостин на ПСЖ. Пред оваа средба ќе одигра меч со Пролет во домашниот шампионат.