
Фудбалерите на Бразил гостуваа синоќа во Боливија за крајот на квалификациите, во меч кој немаше никакво резултатско значење за избраниците на Карло Анчелоти.
Сепак, и покрај тоа, еден од капитените на Барселона – Рафиња – одигра повеќе од половина час, што го изнервира прилично.
Тамошните медиуми откриваат дека Рафиња бил лут, бидејќи бил исцрпен по претходниот натпревар со Чиле, во кој одигра 80 минути.
Да потсетиме, уште пред гостувањето во Боливија, каталонските медиуми пишуваа за непочитувањето на Барселона од страна на Анчелоти, бидејќи не му даде слободно на Рафиња. Анчелоти ги изостави сите репрезентативци на Реал Мадрид, затоа што неговиот поранешен клуб настапуваше на СП до средината на јули. Така, Винисиус Жуниор, Родриго, Едер Милитао и недоволно опоравениот Ендрик останаа во шпанската престолнина.
Рафиња одигра околу 110 минути во два меча без резултатско значење, а особено го исцрпи гостувањето во Боливија на 4.000 метри надморска височина. Каталонските медиуми нагласуваат дека по исцрпувачките настапи со Бразил тој сигурно ќе биде резервист во неделниот дуел со Валенсија.
Ова е дополнителен удар за Ханси Флик, кој во текот на оваа репрезентативна пауза веќе остана без Алехандро Балде, Гави и Френки де Јонг.