Финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2026/27 ќе се игра на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид, што ќе биде шесто финале во историјата кое ќе се одигра во шпанската престолнина.
Додека се чека почетокот на Лигашката фаза од годинешното издание на Лигата на шампионите, УЕФА веќе размислува за следната, со објавувањето на стадионот што ќе биде домаќин на финалето закажано за 5 јуни 2027 година.
Извршен комитет на УЕФА се состана во Тирана и одлучи завршниот чин од идната сезона да се одржи во Мадрид, но не на „Сантијаго Бернабеу“, туку на „Метрополитано“, домашниот стадион на Атлетико Мадрид.
Во исто време, УЕФА ги објави и местата за другите финалиња. Суперкупот на УЕФА 2026 ќе се одигра во Салцбург, Австрија. Финалето на УЕФА футсал Лигата на шампионите 2026 година во Пезаро, Италија. Финалето на УЕФА футсал ЕУРО до 19 години 2026 година ќе биде во Астана, Казахстан, а УЕФА футсал ЕУРО 2027 за жени во Осиек, Хрватска.