По пауза од шест години, повторно е оформена група од 22 кандидати за највисокото ниво на тренерска лиценца, УЕФА ПРО.
На отворањето на семинарот свое обраќање имаше претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој изрази голема поддршка за сите кандидати од страна на федерацијата. Првиот човек на македонскиот фудбал потенцираше дека стекнувањето со УЕФА ПРО лиценца е од исклучително значење и за самата федерација, бидејќи со тоа ќе може да се подигнат критериумите во Прва и Втора МФЛ, а со тоа и да се зголеми квалитетот на натпреварувањето.
На отворањето присуствуваа бројни врвни фудбалски имиња, Горан Пандев, Илија Најдоски, Ѓорѓи Христов, Кочо Димитровски, Алексо Мацков, Зоран Стратев, Благоја Милевски, Агим Ибраими и Бобан Бабунски, кои со своето присуство дадоа поттик и мотив за сегашните и идни кандидати во процесот на стекнување со највисоката тренерска титула што ја нуди УЕФА.
Директорот на Центарот за едукација на тренери, Борче Христов, им посака успешен семинар на сите кандидати, а воедно изрази и огромна благодарност до ФФМ и УЕФА за поддршката во реализацијата. Истакна дека пред нив следуваат вкупно осум модули исполнети со можности за надградување преку интензивна програма што ќе опфати предавања, практични работилници (тренинг) и дискусии со врвни домашни и меѓународни едукатори. За време на обуките ќе се применуваат современи методи, практични примери, тренинг сесии и теоретска настава на теми поврзани со процесот на тренирање, во согласност со новата УЕФА конвенција за 2025/2026 година.
Големиот интерес за курсот претставува охрабрувачки показател за растот на тренерската професија во македонскиот фудбал. Меѓу пријавените се најдоа голем број поранешни и активни фудбалери, меѓу кои и репрезентативци, Дарко Тасевски, Бобан Грнчаров, Влатко Гроздановски, Един Нурединоски, Марио Ѓуровски, Филип Ивановски, Димитар Капинковски, Раденко Бојовиќ и други кои ја препознаа вредноста на едукацијата и одлучија да ја насочат својата иднина кон тренерската кариера.
Центарот за едукација работи со мотивирани и посветени кандидати, подготвени целосно да се вложат во процесот на учење. Од своја страна, обучувачите несебично ќе го пренесат своето стручно знаење и искуство, како основа за идниот успех и развој на секој од нив во тренерската професија.
Посебно значаен момент е фактот што за првпат во рамките на УЕФА ПРО курсот учествуваат и две кандидатки, жени, што претставува важен и охрабрувачки чекор кон зголемување на женското присуство во тренерската професија. Нивното учество дополнително ја нагласува заложбата за еднакви можности и инклузивност во фудбалската едукација, истакна Борче Христов во своето обраќање. Образовниот процес на кандидатките беше поддржан и стипендиран од страна на УЕФА и ФФМ, како дел од заедничките напори за развој на женскиот фудбал и унапредување на женските тренерски капацитети на национално ниво.
Наставата ќе биде целосно реализирана од страна на едукаторите на Центарот за едукација и надворешни соработници од УЕФА. Посебен акцент ќе биде ставен на теми како што се: лидерство и менаџмент во фудбалот, анализа на играта, психолошка подготовка на играчите, комуникациски вештини и современи тренинг методи. Во следниот период предвидена е посета на врвни фудбалски предавачи предложени од УЕФА, Алберт Капељас, Гуинес Мелендес, Курбан Гурбанов, Гинес Мелендез Сото и други познати експери од тренерската фела. Како предавачи и ментори од Вујица Живковиќ, Жикица Тасевски, Ленче Алексовска Величковска.
ФФМ на сите учесници им упатува честитки за нивната посветеност и професионализам и продолжува со заложбите за континуиран развој и унапредување на тренерската професија во Македонија.