Со голот на Азер Омерагиќ во 52. Минута од мечот, тимот на Вардар во рамките од петтото коло од домашниот ПМФЛ шампионат на свој терен на Арената Тодор Проески во Скопје, славеше во градската пресметка против тимот на Македонија ЃП.
Во меч кој слободно може да се оцени како просечен, пред се од страна на Вардар кој знаел сезонава да одигра далеку подобро, одлучувачки беше катастрофалната грешка на гостинската одбрана на стартот од вториот дел. Пецов во обид да го расчисти нафрлувањето на Данев од десно, со глава ја врати топката до голманот Јанков, кој што неспретно реагира. Истата му падна од раце, во еден момент тој не знаеше каде истата се наоѓа, но знаеше будниот Азер Омерагиќ. Тој со само еден потег ја упати кон празната мрежа и му донесе водство на домаќинот.
Претходно, Македонија ЃП имаше ситуација уште во првото полувреме да дојде до водство, но на асистенцијата на Христов, во седмата минута Гереро шутираше од добра позиција директно во Талески.
По примениот гол, Македонија ЃП се обиде нешто да стори пред противничиот гол, имаше неколку полуситуации но не и некоја идеална. Во последните моменти Клинтон излезе сам пред Талески но шутираше над голот, а и потоа беше досуден офсајд.