Работнички со нов шеф на стручниот штаб и неколку нови засилувања, успеа да се реконструира во текот на репрезентативната пауза. Турскиот стратег Алпарслан Ердем е сега на кормилото, менувајќи го Бојан Маркоски, кој ја почна сезоната со „романтичарите“.
Работнички кој по првите четири кола освои само еден бод (одигра три меча) освежен и подзасилен ќе се обиде да стави крај на максималниот ефект на Силекс.
„Силекс е квалитетен тим, и секако не е лесно да се игра во Кратово. Но, ние работевме добро во овој изминат период, имаме нов тренер и неколку нови фудбалери и ќе се обидеме да стигнеме до позитивен резултат“, порачува офанзивецот на Работнички, Кристоџеј Далеј.
Кратовскиот прволигаш во досегашниот тек од првенството нема примено ниту еден гол, постигнува по три гола во просек, а сега сака да го продолжи максималниот ефект и на домашен терен против Работнички во натпреварот кој се игра денеска во 15:30 часот.
„На секој натпревар излегуваме на терен да дадеме се од себе и да победиме. Тоа е секогаш целта на Силекс, без разлика кој ни е противник“, рече Мартин Мирчевски, напаѓачот на кратовци.
Што се однесува до противникот, Мирчевски вели дека му е важно само како неговиот тим ќе одигра.
„Искрено, не би можел да кажам што би сменил новиот тренер кај Работнички. Посакувам само ние да сме во вистинското светло, па се надевам дека тоа ќе биде доволно за триумф. Посакувам еден убав меч во кој ќе победи подобриот противник. Задоволни сме од тоа како ја започнавме сезоната. Имаме одлични четири победи од исто толку натпревари, и сето тоа е мотив за нас да ја задржиме оваа победничката серија што е можно подолго“, изјави Мирчевски.