Тимот на Брера со мининмални 1:0 предмалку на домашен терен го совлада Шкупи и на тој начин ја забележа првата победа сезонава во ПМФЛ шампионатот. Петтото коло за струмичани беше талично, а стрелец на единствениот гол на денешниот меч беше Кире Стојанов во 85. минута од мечот.
Ова беше борбен натпревар во Струмица, а Брера покажа за нијанса повеќе, токму за да ги освои бодовите. На стартот, Сухељ Мухарем во 18.минута постигна гол за Шкупи, но беше досуден офсајд, а потоа одлуката беше потврдена и од ВАР собата. Во 48.минута, шанса за домашните имаше Никола Величковски, но шутираше над голот откосо од левата страна.
Во 60.минута, Антовски нафрли од слободен удар, а Аризанкоски шутираше со глава, за малку непрецизно.
Во 85.минута, Брера конечно дојде во водство. Кире Стојанов доби топка на левата страна, успеа да се ослободи од противникот и да погоди во спротивниот агол, но во прв момент беше досуден офсајд. Сепак, по триминутна проверка на ситуацијата во ВАР собата, голот на Стојанов беше признат.