ПМФЛ: Арсими донесе мрак во Битола

159
ФОТО: KF Arsimi/FB

Прва историска победа за екипата на Арсими во Првата македонска фудбалска лига. Вечева во последниот меч од 5. коло во домашниот шампионат, гостиварци убедливо со 4:0 го совладаа Пелистер на гостински терен и по два порази и две ремија во првите четири кола, конечно се израдуваа на првиот триумф.

Во првиот дел и двата тима имаа по неколку одлични можности, но се чини дека Пелистер не успеа да ги искористи оние две големи шанси преку Булатовиќ и Белиќ. Едната пречка и едната погодена статива не им донесоа радост на домашните навивачи, и кога се очекуваше Пелистер да продолжи во тој ритам, во вториот дел видовме сосема поинаква слика на теренот.

Арсими од првата минута ја презема иницијативата и веќе во 53. минута имаше зрела шанса за гол. Нигериецот Олатунбосун биеше во стативата и не успеа да им донесе радост на гостите.

Сепак, во 66. минута го видовме и првиот гол. Одличен центаршут од десната страна на Асани, Бесагиќ со глава биеше и погоди за водство на Арсими од 0:1. Недолго потоа Пелистер се закани преку Булатовиќ, но во завршните 10 минути домашните комплетно се распаднаа. Таипи во 82. минута успеа да излезе сам пред Јовчевски и да погоди за 0:2. Голот се проверуваше на ВАР, но офсајд немаше, а гостите дојдоа до голема предност.

Во 87. минута и Шефити се запиша во листата на стрелци за 0:3, додека конечните 0:4 ги постави Игњатов во 94. минута.

ПретходноМакедонските џудисти освоија две бронзи на Балканското првенство
СледноВМФЛ: Беласица со еден гол до три бода на дербито со Детонит П.