Приказната за Ергин Атаман која има почеток со нашиот Петар Наумоски

356
Фото: Фанатик

Ја однесе Турција до големото финале на Европското првенство кое вечерва (20 часот) оваа земја го игра против Германија во Рига. За себе самиот вели дека е најдобриот тренер во овој спорт во Европа за изминативе 10 години, а зад сето тоа се повикува на резултатите како на клупски, но еве сега и на репрезентативно ниво.

Секогаш „гласниот“ и единствен Ергин Атаман своите почетоци, својот прв ветар во грб го имаше од големиот Петар Наумоски. Еден од најдобрите, ако не и најдобар кошаркар на Македонија на сите времиња, беше лидерот на Ефес Пилсен кон крајот на минатиот век и токму со нашиот „бомбардер“ почнува и современата ера на кошарката во Турција која е сега во фаза комплетно да ја покори Европа.

Соработката на Наумоски со Атаман почнува во последната сезона (1999), на нашиот кошаркар во турскиот гигант кој во тоа време го освои и првиот европски трофеј, кој е и прв за екипа од оваа земја. Во тоа време Наумоски беше ѕвездата во тимот за кој настапува сегашниот претседател на федерацијата Туркоглу и многу славни имиња како Бешок, Сариџа, Кутлај, Карашев, Туркчан и останатите.

Петар Наумоски заминува во Монтепаски Сиена, а при првата смена на тренер во оваа екипа од Италија го препорачува тукму Атаман со кој на клупата оваа екипа бележи блескави моменти. И оваа фотографија која е направена во 2002 година е од времињата кога тандемот Наумоски – Атаман имаше големи резултати во европската кошарка. Токму „седмицата“ на Петар Наумоски е засекогаш закачена во салата во „Абди Ипекчи“, како вечна благодарност за нашиот кошаркар од времињата кога газеше во дресот на Ефес Пилсен.

ПретходноЏеферсон Вуден е светска шампионка на 100 метри
СледноСевил е новиот крал на спринтот (ВИДЕО)