Барса со непријатност – по мечот против Валенсија немаше тушеви за играчите

144
Фото: Барселона Х

Промената на стадионот за натпреварот на Барселона против Валенсија (6:0) донесе уште една непријатност. Шампионите на Ла Лига играа пред само 6.000 гледачи на „Јохан Кројф“ во својот тренинг-центар, откако на „Камп Ноу“ сè уште не е дозволено да се играат мечеви, а „Монжуик“ беше зафатен.

Куриозитет беше тоа што по натпреварот фудбалерите на домаќинот си заминаа од малиот стадион без да можат да се истушираат. Сите ги собраа своите работи и директно по дресови го напуштија објектот. Имаше автобус што ги чекаше за да ги однесе кон другите делови од комплексот, но тој беше премал и не успеа да ги прими сите играчи.

Во Барса сите се надеваат дека повеќе нема да мораат да прибегнуваат кон варијантата со малиот стадион. Очекувањата на клубот се да добие дозвола да биде домаќин на „Спотифај Камп Ноу“, иако реновирањето сè уште не е завршено.

Следната недела Каталонците го пречекуваат Гетафе и се очекуваат новости околу тоа каде ќе се игра средбата. Пред тоа – во четврток – Барселона гостува кај Њукасл во натпревар од Лигата на шампионите.

ПретходноЕмоции на сите страни во Рига: Солзите на Јанис Адетокумбо!
СледноПелистер по убедливиот пораз: Битола прости ни, заслуживте повеќе!