Силекс по целиот плен во Куманово, Башкими ги почитува ама друг план!

142
Фото: ФФМ

Денеска стартува шестото коло во ПМФЛ-лигата, на програмата се два меча. Башкими е домаќин на Силекс, а Македонија Ѓ.П на Брера, и двата меча се играат во 15:30 часот.

Одличниот почеток на сезоната во Прва МФЛ и петте победи од пет кола ја зголемуваат мотивацијата кај фудбалерите на Силекс да продолжат во ист ритам и во натпреварот од 6. коло против Башкими. На досегашните две гостувања сезонава, Силекс ги совлада Арсими со 0-1, а со Шкупи победи службено со 0-3.

„Нè очекува тежок натпревар со добар противник. И покрај тоа што имаат два пораза по ред, можам да кажам дека станува збор за цврста екипа. Освен оној пораз од Струга ТЛ со 5:0, кога играа со играч помалку, на сите други натпревари се носеа добро. Дури и на моменти беа подобри од своите противници. Нема да го потцениме овој, како и ниту еден друг противник, и покрај нашиот одличен старт. Ќе се обидеме со нашата игра да дојдеме до нови три бода. Атмосферата во екипата е одлична и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и од ова тешко гостување ќе се вратиме со победа. На располагање ги имам сите фудбалери и верувам дека можеме да стигнеме до уште еден триумф“, изјави тренерот на Силекс, Александар Васоски.

Екипата на Башкими бара победа по два последователни пораза, против Струга Трим Лум и Шкендија. Но, пред себе има тежок предизвик бидејќи ќе се соочи со екипа која е „совршена“ во првите пет кола од Прва МФЛ. Гостите имаат најефикасен напад со просек од три гола по натпревар, а досега примија само еден гол. Сепак, централниот бек Реџеп Мурати верува дека Башкими е подготвен да му донесе големи главоболки на актуелниот лидер во првенството.

„Работевме напорно на тренинзите и ќе го дадеме нашиот максимум на теренот. Го почитуваме противникот, Силекс, но нашата цел е победа. Се надевам дека ќе одиграме добар натпревар и ќе ги направиме нашите навивачи среќни. Ќе дадеме сè од себе и сигурен сум дека бодовите од овој натпревар ќе останат во Куманово. Нашите навивачи заслужуваат победа и ќе се бориме до крај за нив“, додаде централниот бек на КФ Башкими.

ПретходноТетоважа која го расплаче целиот свет: Диого Жота не е заборавен
СледноГрците ја славеа бронзата: „Сиртаки“ во изведба на Јанис Адетокумбо и Спанулс (ВИДЕО)