Во рамките од шестото, вонредно ПМФЛ коло кое што се игра неделава, екипата на Македонија ЃП на домашен терен успеа да слави над екипата на Брера од Струмица со конечни 2:0.
Во меч во кој домаќинот имаше далеку повеќе од играта, создаде далеку повеќе шанси, и конечно постигна и два гола, тимот на Македонија ЃП покажа дека полека но сигурно излегува од стартната резултатска криза во овогодинешниот шампионат и почнува да собира бодови.
Од стартот на мечот се виде кој е кој на овој меч. Домашните имаа повеќе од играта, беа поголемиот дел од времето на противничката половина, за да во 17. Минута, на асистенција на Кабаркас, Симеон Христов со акробатски потег го совлада Вргов од непосредна близина.
Овој момент, не ги задоволи домашните кои продолжија да атакуваат но не погодија уште еднаш во првиот дел.
По паузата, Брера направи измени кои донесоа свежина во играта на гостите. Струмичани почнаа далеку подобро да играат, и да останеа со единаесетмнина на теренот којзнае како овој меч ќе завршеше. Сепак, во 53. Минута од мечот, Хасан доби втор жолт картон и автоматско исклучување.
Со десетмина Брера не можеше да парира, па веќе вп 72. Минута, Мартин Талаков на одлична асистенција од лево, изби апсолутно сам пред Вргов, и погоди со помош на оквирот на голот.
Македонија ЃП со овој триумф ја оствари втората победа сезонава, и го освои шестиот бод, додека Брера има поен помалку во моментов.