Македонскиот интернационалец Бобан Николов се врати дома што се вели. По цели 12 години повторно е дел од тимот на Фарул Констанца, клуб кој што е наследник на Академија Хаџи клубот каде што како младинец Николов замина за да ја гради својата сега веќе успешна фудбалска кариера.
Николов откако си замина летово од Борац Бања Лука, одлучи да се врати во Романија, каде што и тоа како многу е ценет со оглед на фактот што настапуваше и за големата Стеауа. Имаше и други понуди но како што и самиот Нилолов вели за Спортспорт, повикот од Георге Хаџи не се одбива.
„Секако дека сум пресреќен што се враќам во средината каде што за мене започнаа многу работи во кариерата. Повикот на еден Хаџи не се одбива. Тоа име има огромна тежина тука во Романија, и за тоа сум бескрајно благодарен. И на клубот и на легендата Хаџи кој што без размислување реши да бидам следното засилување за клубот каде што во моментов е човек број еден“ – вели Бобан Николов.
Николов додава дека помеѓу повикот од Романија и неговото заминување, немало повеќе од 24 часа.
„Веднаш заминав. Не се двоумев воопшто. Тука сум како дома. Знам каде доаѓам. На сите оние кои се сомневаа во мене имам само да им порачам. Бобан Николов има уште многу што да каже во фудбалот“ – вели Николов, кој што веќе ги мина лекарските прегледи во клубот и е официјално промовиран.