Фудбалерите на АП Брера во петтото коло стигнаа до првата победа во новата сезона во Прва МФЛ, со што значително се подобри атмосферата во струмичкиот прволигаш. Тие денеска имаат нов предизвик, гостување во Ѓорче Петров и дуел со Македонија ЃП во 6. коло од Првата лига.
Новиот предводник на тимот, Мартин Алаѓозовски, верува дека Брера може да продолжи во ист ритам и против „лавовите“ од Ѓорче Петров.
„Малку е полесно, мислам дека го добивме она што го заслуживме и на некои претходни натпревари. Триумфот против Шкупи сигурно ќе биде дополнителен мотив за нас да се прикажеме во позитивно светло и на дуелот со Македонија ЃП. Тие се одличен тим, особено добри пред своите гледачи, но ние доаѓаме да се надигруваме и верувам дека можеме да извлечеме поволен резултат“, рече Алаѓозовски.
Натпреварот меѓу Македонија ЃП и АП Брера ќе се одигра денеска од 15:30 часот на стадионот во Ѓорче Петров.