Со два гола од белата точка на Мбапе, Реал Мадрид го доби дербито на вечерта во Лигата на шампионите против екипата на Олимпик Марсеј на „Сантијаго Бернабеу“. „Кралевите“ славеа со 2:1 во меч во кој Французите први поведоа со голот на Тимоти Веа, но до полувреме со првиот пенал на Мбапе Реал успеа да израмни, а во финишот домашните добија уште еден удар од белата точка кој Мбапе го претвори во триумф за 2:1. Вреди да се спомене и неспортскиот потег на капитенот на домашните Карвахал, кој со глава го удри гостинскиот голман Руљи и заработи директен црвен картон во 72. минута.
Неверојатно второ полувреме се одигра на мечот во Торино. Таму по првиот дел навивачите на видоа ниту еден гол, а во второто дури осум и имаше реални шанси за најмалку уште два до три погодока. Јувентус на крајот се избори за реми 4:4, во моментите кога губеше со 2:4 и сите мислеа дека бодовите се загубени. Германците потсетија на своите најдобри денови во ЛШ, но не и на препознатливиот менталитет, затоа што дозволија при водство од 2:4 да примат два гола во судиското продолжение и на крајот да останат само со еден бод.
Головите за Борусија (Д) ги постигнаа Адејеми 52′, Нмеча 65′, Јан Коуто 74′ и Бенсебаини од пенал во 86′, додека Јувентус трипати успеваше да израмни преку Кенан Јилдиз 63′ и Влаховиќ во 67′, а потоа и со головите на Влаховиќ во 94′ и на Кели во 96′.
Сензацијата на вечерта ја приредија фудбалерите на Карабах. Азербејџанците дојдоа до историската прва победа во групната фаза од Лигата на шампионите, победувајќи со неверојатен пресврт во Лисабон против Бенфика. Домашните тргнаа самоуверено и поведоа со 2:0 со головите на Баренечеа и Павлидис, но до полувремето Андраде погоди за гостите за 2:1. Во вториот дел Карабах направи целосен пресврт и со головите на Дуран и Кашчук дојде до сензационална победа од 2:3.
Тотенхем со еден автогол изброја три бода на домашен терен против Виљареал. Големата грешка на гостинскиот голман Жуниор во 4. минута беше момент на одлука за победа на лондончани од 1:о и три бода на стартот на сеозната во ЛШ.