Тиквеш конечно победи сезонава

163

Со минимални но тотално заслужени 1:0, тимот на Тиквеш конечно, во шестото коло од овогодинешниот ПМФЛ шампионат успеа да слави за прв пат и тоа во дуелот со екипата на Шкупи.

Стрелец на единствениот гол на овој дуел беше искусниот напаѓач на домаќините, Берат Садик кој што погоди во 27. Минута по лошата реакција на Марио Ричков во потесната одбрана на Шкупи.

Овој дуел ќе биде запаметен како еден од оние во кој видовме ретко голем број на неискористени шанси, и тоа пред се од домаќинот.

Она што го промашија напаѓачите на Тиквеш денеска пред се Иван Ивановски, но и Миловановиќ, Стојанов, и ред други, навистина е за неверување. Домашните упатија преку двасет и пет удар кон противничкиот гол, а во мрежата на Гроте заврши само еден.

Тој пак, покрај стрелецот Садик е следен за споменување. Во првиот дел по неколкуте добри интервенции, а во вториот дел по нелогично грубиот старт надвор од својот шеснаесетник токму над стрелецот Садик.

И тоа со високо дигната нога, со „крампони“ в лице. Садик падна како „покосен“, а по интервенцијата на судијата Ралевски, и ВАР технологијата, Гроте беше директно исклучен.

Со ова, Тиквеш стигнува до петтиот бод сезонава, и резултатски конечно се рехабилитира, а Шкупи останува без бодови и со многу прашалници што и како понатаму во домашниот шампионат.

 

ПретходноДисперзираните фудбалски академии низ Македонија ја добија опремата од ФФМ (ВИДЕО)
СледноКласика мак дерби во Струга… Трим Лум и Шкендија одиграа 1:1