КФСМ на својата официјална страница ги објави сите детали околу салите каде ќе се игра кошарка оваа сезона во сите категории. Пет сали кои се пријавени од страна на прволигашите во машка конкуренција ги исполнуваат условите, додека пет добија „А Условна“ лиценца.
Што значи тоа? До стартот на првенството имаат рок да ги направат сите корекции кои биле забележани од страна на комисијата, во спротивно нема да може да играат во тие сали.
Во пониските ранговите салите се далеку покомплицирани, а во една, поточно во Струга „Нико Нестор“ и натаму е забрането да се игра било каков спорт по наредба на Минситерството за образование.
„Во согласност со Правилникот за лиценцирање и категоризација на спортските сали и врз основа на одлуката на Управниот одбор на КФСМ, Комисијата за проверка на спортските објекти во претходниот период изврши теренски увид во градовите каде што ќе се одигруваат натпреварите од сите рангови на натпреварување.
По извршената проверка, Комисијата изготви класификација на сите пријавени спортски сали во кои се играат натпреварите од сениорските и младинските лиги, согласно критериумите утврдени во правилникот (минимални технички услови, безбедносни стандарди, капацитет, осветлување, помошни простории и други параметри предвидени со нормативите).
Овој процес е од исклучителна важност за регулирано, безбедно и професионално одвивање на натпреварите во сите сениорски и младински категории. Со навремено исполнување на условите, клубовите придонесуваат кон развојот на кошарката и подигање на организациските стандарди во нашата држава“, велат од КФСМ.
Со цел да се обезбеди навремена подготовка за претстојната натпреварувачка сезона, но истовремено да бидат транспарентни од федерацијата ги објавите сите детали по оваа точка, истите можат да се најдат на следниот ЛИНК.