Проблем за Пелистер: Без двајца Американци против Реџо Емилија

78
Фото: КК Пелистер

Кошаркарите на Пелистер денеска го одржаа и првиот официјален тренинг во Самоков, Бугарија во пресрет на утрешниот натпревар од квалификациите за Лигата на шампионите (15.30 часот).

Прв противник на „зелено-белите“ ќе биде тимот на Реџо Емилија, клуб од елитното италијанско кошаркарско друштво и со големи амбиции допатува на овие квалификации во Самоков.

„Противникот на хартија е поквалитетен, но тоа не значи дека ние ќе се предадеме без борба. Работевме напорно од самиот старт на подготовките и сакаме да го покажеме вистинското лице. Наша цел е да одиграме стопроцентно од првата до последната минута, на крајот ќе видиме за каков резултат тоа ќе биде доволно“, порачуваат едногласно „пелистерци“ од Самоков.

За жал, непосредно пред патувањето за Бугарија, Пелистер се соочи со неочекувани проблеми, па тренерот Даскаловски за утрешниот меч нема да може да смета на двајца нови американски кошаркари.

Центарот Ленгстон Вилсон пристигна во Битола, тренираше со екипата и одигра пријателски натпревари, но доцнењето на документацијата и пристигнувањето на сертификатот по последниот рок одреден од ФИБА за пријавување играчи за квалификациите за ЛШ е причината поради која овој Американец нема да биде во тимот на „пелистерци“ во Самоков.

Згора на тоа, Џордан Скипер Браун поради семејни причини мораше да се врати назад во САД по само неколку дена минати во Битола, па во наредниот период ќе биде доведен нов кошаркар на негово место.

ПретходноПМФЛ полувреме: Вардар доминира кај Арсими, Работнички конечно заигра како што треба
СледноЃорческа рутински до четвртфиналето