Пелистер не успеа да приреди сензација на гостувањето кај ПСЖ, иако во голем дел од мечот беше рамноправен противник, дури и водеше со три гола разлика. Ѕвездите на францускиот тим во самиот финиш успеаја да го урнат отпорот на македонскиот првак, и да дојдат до победа од 33-27, разлика која не ја дава вистинската слика од теренот.
Никола Митревски беше еден од главните причини за кам-бекот на Пелистер во мечот, како и за водството. Зад своето име запиша десет одбрани.
„Покажавме дека можеме да играме со големите екипи, дека имаме квалитет. Многу малку недостигаше да влеземе во незивесна завршница. ПСЖ мечот го реши во последните три минути каде што не успеавме да издржиме до самиот крај. Одиме понатму, треба да анализираме каде згрешивме, имавме неколку технички грешки во напад кои беа пресудни да поведат и да го контролираат натпреварот во последните десет минути“, рече искусниот репрезентативен голман.
Пелистер оваа сезона, иако е само на стартот испрати порака до противниците дека не смее да биде потценет.
„Секако нашата цел е да победуваме на што повеќе мечеви. Одиме од натпревар во натпревар. Покажавме квалитет дека можеме да се носиме со сите. Останува да се подготвиме за следните предизвици, прво за меч од домашното првенство“.
Следен меч за Пелистер е дуелот со Алкалоид во недела во Скопје, а додека во Лигата на шампиони на домашен терен го пречекува ГОГ.