„Шах – Мато“ на Вардар против Арсими

259

Ако некој досега имаше било какви дилеми, сега повеќе не треба да ги има. Роџерс Мато, напаѓачот на Вардар во моментов го игра фудбалот на кариерата. Репрезентативецот на Уганда, денеска во рамките од шестото коло од ПМФЛ шампионатот, речиси сам го победи Арсими на негов терен. Конечните 1:4, се реален показател на случувањата на овој меч во кој Вардар ама тотално доминираше, и заслужено ги освои трите бода.

Денешниот поход на Вардар стартуваше уште во десеттата минута, кога домашната одбрана во обид да одстрани една опасност не реагираше најдобро, и овозможи асистенција на Азер Омерагиќ за Мато. Овој излезе сам пред голот на Асрими и рутински реализираше.

Следуваше корнерот во 29. минута во која маестрален центаршут упати Димитар Тодоровски, а Мислав Матиќ на петерецот со глава реализира за 0:2. Само шест минути подоцна, фантастична длабочинска топка на Кастањеда, кој како „со рака“ го послужува Мато, а овој не греши за вардарови 0:3.

Само што стартуваше вториот дел од мечот Мато повторно прави продор по левата страна и реализира за хет трик, односно веќе 0:4.

Дуелот секако одамна беше завршен што се однесува до победникот но не и до возбудувањата. Најдовски заработи исклучување, Арсими доби пенал, но истиот очајно беше изведен. Сепак, домаќинот дојде до почесен гол, откако слободниот удар на Рамадани, удри во живиот зид на Вардар, го измами Талески и топката влезе во голот на гостите.

 

ПретходноЃорческа рутински до четвртфиналето
СледноРаботнички проработува, Пелистер „зарибува“