Арсими влезе во позитивен ритам по големата победа во Битола против Пелистер со резултат 0:4 и сега со голема самодоверба го очекува следниот предизвик. Во рамките на шестото коло од Прва МФЛ, на стадионот во Гостивар, гостин ќе биде екипата на Вардар.
По нешто послабиот почеток на сезоната, тимот од Чегране успеа да покаже карактер и квалитет токму на гостински терен, освојувајќи ги првите три бода на импресивен начин. Токму триумфот во Битола е дополнителен мотив за фудбалерите и стручниот штаб дека со напорна работа може да се остварат целите во првенството.
„Победата во Битола ни даде голем морал, но знаеме дека ништо не е завршено. Вардар е противник кој секогаш бара максимална концентрација. Ние мора да бидеме уште подобри ако сакаме да ја израдуваме домашната публика“, изјави капитенот и голман на Арсими, Вулнет Ислами, кој додаде:
„Ова е момент кога мораме да покажеме дека победата во Битола не беше случајна. Имаме квалитет и веруваме дека со помош на нашите навивачи ќе ја оствариме целта“.
Натпреварот Арсими – Вардар се игра од 15:30 часот на стадионот во Гостивар, во рамките на шестото коло од Прва МФЛ, со директен пренос на каналите на МТВ.