Работнички сe уште нема победа во првенството по четири натпревари, има и еден одложен меч со шампионот Шкендија, а тоа дефинитивно не се совпаѓа со желбите и плановите за новата сезона на клубот од Дебар Маало. Затоа, и нема друга алтернатива освен „романтичарите“ да тргнат со сите сили по три бода на денешниот меч против Пелистер на Националната Арена „Тодор Проески“.
Крилниот напаѓач Флоријан Кадриу најавува дека тимот е максимално мотивиран да го оствари првиот успех во првенството.
„Не го започнавме првенството како што посакувавме, но тоа што е зад нас не може да се врати. Затоа сме максимално фокусирани на денешниот натпревар со Пелистер и ќе сториме сѐ да стигнеме до првата победа. Го респектираме Пелистер, тие се квалитетен тим, но едноставно ние немаме друг избор туку да се бориме за целиот плен. Веруваме во нашите квалитети, треба да ги исполниме задачите на стручниот штаб и да го надиграме Пелистер. Нема да биде лесно, но ако дадеме максимум од можностите, тогаш и нема нешто што е неостварливо. Одиме да освоиме три бода“, најавува Кадриу.
Пелистер не успеа да ја реализира надмоќта во првото полувреме против Арсими. Битолчани еднаш ја погодија стативата, а еднаш пречката од противничкиот гол. На крајот, Арсими го доби мечот во второто полувреме, а домаќините останаа да извлечат поуки од натпреварот кој „им се лизна од рацете“.
Избраниците на Димитар Капинковски во два наврати оваа сезона играа како гости во Скопје и во двата наврати беа поразени, од Вардар (4:1) и Македонија Ѓорче Петров (2:1). За утеха, барем успеаја да ја затресат противничката мрежа.
„Не очекува тежок и неизвесен натпревар против Работнички. Иако нивната позиција на табелата не го покажува вистинскиот квалитет, знаеме дека не чека сериозен предизвик. Ние сме подготвени и физички и психички, веруваме во нашите способности и ќе дадеме сè од себе. Време е да покажеме борбеност и тимски дух и да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави Христијан Гроздановски.