Коментар на 6.коло: Моќен Вардар, сега Струга ТЛ е лидер, Пелистер е во “НОКАУТ“!

259

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Со мечевите во Гостивар и на Арената во Скопје вчера, се затвори и 6.коло во новата сезона. И во ова коло видовме убав, квалитетен фудбал за наши услови. Видовме како тоа Вардар просто го демолира Арсими среде Гостивар, како скопските “црвено – црни“ ја одиграа можеби најдобрата партија во досегашниот дел од сезоната. Да се победи со 1:4 тим на негов терен кој претходно славеше во Битола со 0:4, секако дека не е мала работа.

Ова се екстра значајни бодови за Вардар, но сепак најтрофејниот не успеа да се најде на лидерската позиција на табелата. Таму по ова 6.коло е Струга ТЛ, која има 16 бодови, исто колку и Вардар, но со подобра гол – разлика.

Стружани до пред супер-дербито со Шкендија, кое заврши 1:1, имаа “пет од пет“, но по поразот на Силекс во Куманово јасно беше дека на момците на стратегот Бледи Шкемби им треба бод за да избијат на чело на табелата.

Дерби како дерби покрај езерото. Шкендија водеше со 0:1, Струга ТЛ израмни во 79.минута а можеше и да победи. Имено домашните двапати во финишот ја тресеа мрежата на тетовци, но и двата гола беа поништени од страна на ВАР, сосема оправдано.

Шкендија има 11 бода, но и меч помалку, па така фактички е со -2 бода, во најдобар случај во однос на Струга ТЛ и Вардар. Силекс пак има 15 бода, се ова е доказ дека овие четири екипи ќе водат интересна битка за титулата. Башкими се издвои со 10 бода од останатите кои од Македонија ЃП со 6 бода па се до последниот Шкупи кој е без бодови, ги чека битка за опстанок.

Конечно први победи за Работнички и Тиквеш, па така сега само Шкупи е без победа и без бодови.

Од друга страна Пелистер е во “НОКАУТ“. Три порази на последните три меча со гол разлика 1:9. Ако по првите три кола битолчани имаа две победи, сега се во серија од три порази. Македонија (1:2), Арсими (0:4) и Работнички (0:3). Порази од екипи со кои тренерот Димитар Капинковски сигурно очекуваше најмалку 3-4 бода. Факт е дека Пелистер го “фати“ криза, и резултатска ама и играчка.

Ќе мора под итно да се види и “скенира“ каде е проблемот, односно да се најде решение, посебно ако се знае дека во вторник во Битола гостува Башкими, тим кој може секого да победи во ПМФЛ, а камоли Пелистер.

Претходно„Кралевите“ повторно на „Енфилд“ – нова ѕвезда од 17 милиони евра на мета на Реал!
СледноХрабрата игра не беше доволна за чудо на Пелистер против Реџо Емилија