Бетис – Сосиедад 3:1 е епилогот од вечерашниот меч од 5.коло во Ла Лига кој се одигра на “Ла Картуха“ стадионот во Севиља пред точно 59.773 гледачи.
Уште еднаш Бетис покажа дека е во одлична форма во првите кола во новата сезона, а гостите од Сан Себастијан покажаа дека се во голема криза ако се знае дека ова им беше трет пораз, имаат и две ремија и се без победа.
Секако изненадувачки ако се знае дека Сосиедад важи за една од подобрите екипи во Ла Лига.
Домашните поведоа со голот на Кучо Хернандез уште во 7.минута. Гостите израмнија само шест минути подоцна со голот на Мендез.
Со тие 1:1 заврши првото полувреме, а во 49.минута Ремиро си даде автогол за ново водство на Бетис, сега од 2:1. И тоа не беше се, во 69.минута Форналс стрелаше за 3:1.
Треба да се каже дека Бетис имаа и неколку шанси, во два наврати ја погодија и рамката на голот, па така можеше лесно да се случи Сосиедад да доживее и вистинска катастрофа.