Светскиот првак со репрезентацијата на Германија, на Мундијалот во 2014 година, Жером Боатенг и официјално објави крај на фудбалската кариера. Германскиот интернационалец и се обрати на јавноста преку социјалните мрежи на кои објави порака која се однесува на неговиот долг дусбалски пат кој траеше дваесетина години.
„Фудбалот ми даде многу, сега е време да продолжам понатаму. Не затоа што морам, туку затоа што сум подготвен“, рече 37-годишниот Боатенг во видео објавено на својот Инстаграм профил.
„Благодарен сум за сè. Играв долго време за големи клубови, за мојата земја. Учев, победував, губев“, додаде тој.
Боатенг го имаше своето деби во Бундеслигата во 2007 година со Херта Берлин, а најголемиот успех го доживеа со Баерн Минхен до 2021 година, освојувајќи ја на два пати Лигата на Шампионите. Додаде и девет титули во Бундеслигата и пет германски куп трофеји. Потоа играше за Олимпик Лион, Салернитана и конечно за австрискиот тим ЛАСК, каде што го раскина договорот до 2026 година во август, откако настапи на само 14 натпревари.
Боатенг одигра 76 натпревари за Германија помеѓу 2009 и 2018 година, освојувајќи го Светското првенство во Бразил во 2014 година. Тој исто така го освои и Европското првенство до 21 година во 2009 година.










