Попладнево на Чаир, во скопската пресметка меѓу Шкупи и Македонија ЃП, гостите од Ѓорче извојуваа важна победа од 2:0 и со тоа освоија екстра важни три бода во првиот меч од 7.коло во нашата елитна лига.
Ова значи дека Шкупи и по седмиот меч останува на “нула“, без ниту еден бод.
Македонија ЃП одигра сосема добро, а да дојде полесно до победата многу помогна и брзиот гол на Клинтон Осеи во 5.минута.
Потоа врз него во 39.минута беше направен и пенал, а во гол за водство од 2:0 го претвори искусниот Симеон Христов.
Во оваа фаза од средбата гостите можеа да имаат и поубедливо водство, но Мухамед Елмас не се снајде најдобро пред голот на домашните.
Во продлжение од средбата конечно Шкупи почна да игра, чести беа нападите кон голот на Јанков кој во првиот дел немаше ниту една интервенција.
Сепак притисокот на домашните не вреди со плод, барем кога се однесува на головите. Упатија закани, сепак на крајот “Лавовите“ славеа победа, секако апсолутно заслужена. Имаа и гостите убави шанси и тоа преку Христов и Осеи.
По овој меч Македонија ЃП има 9 бода, ова беше нејзин трет триумф, додека Шкупи, како што веќе рековме, остана и натаму на последното место на табелата со нула бодови.