Денеска во вечерен термин, како што и му доликува, во рамките од седмото коло од ПМФЛ шампионатот, на Арената Тодор Проески во Скопје со почеток од 20:00 часот, се игра грaдската пресметка помеѓу Вардар и на Работнички.
Дуелот во моментов претставува пресметка на два дијаметрално спротивни тима. Вардар е на самиот врв на табелата, израмнет на првото место со 16. бодови, додека пак Работнички мака мачи за да фати победнички ритам и да излезе од опасната зона за да мирно „плови“ сезонава.
Дербито само по себе, никогаш не зависело од ништо, освен од моментална инспирација, индивидуален квалитет, или колективен ангажман кој што ќе донесе поволен резултат. Се случило многупати фаворитот на хартија да не излезе добитен по последниот свиреж на судијата, па токму затоа и високата доза на претпазливост кај двата табора.
„Пред ваквите дуели нормално е да се каже дека го респектираме противникот, кој што секако има свој квалитет, дека ќе дадеме се од себе на теренот и дека посакуваме победа. А и во суштина мислам дека е така. Работнички е тим кој што има квалитетни, искусни играчи, а од друга страна пак има неколку активни У21 репрезентативци. Тоа воопшто не е за потценување. Од друга страна пак, ние не само што поседуваме несомнен квалитет, туку периодов играме добро. Против Арсими имавме и тоа како добар ден, посакувам истото да се случи и денес. Вечерен термин, Арената, добар терен, публика. Нормално дека секој сака да е вечерва дел од овој дуел. Конечно, ние сме Вардар, во овој момент, во оваа лига Вардар се прашува. Одиме на три бода, а потоа и на славје со нашите навивачи“ – изјави Димитар Тодоровски пред вечерашното дерби против неговиот некогашен клуб Работнички.