Вечерва на Арената Тодор Проески во Скопје со почеток од 20:00 часот се игра градската пресметка помеѓу екипите на Вардар и Работнички. Скопската пресметка која што секогаш привлекува внимание, и која што носи со себе, традиција, трофеји, и нешто што се вика скопски шмек.
Вардар во моментов е лидер на табелата во ПМФЛ заедно со тимот на Струга ТЛ. Работнички пак полека но сигурно излегува од лошиот резултатски период, ја одработи првата победа сезонава против Пелистер.
Еден од оние кои што знае како е да се биде дел од таборот на „Романтичарите“, но и да се постигнуваат голови за најтрофејниот македонски фудбалски колектив, Вардар, е македонскиот младински репрезентативец, Димитар Данев. Момчето кое што поникна во Работнички но во моментов е незаменлив во тимот на Вардар, вечерва ќе биде еден од адутите на тренерот Гоце Седлоски.
„Меч за уживање секако. Скопско дерби, ноќен термин на Арена. Ќе биде неизвесен, тежок натпревар. Додатна мотивација не и притисок би рекол. Добро работиме во последниот период, се виде тоа против Арсими. Одигравме супер, ќе пробаме да ја повториме таа игра вечерва. Сакам да победиме, сакам да се радуваме, да славиме заедно со нашите навивачи. Вардар заслужува да биде во тој „фазон“ победнички. Се радувам на секој ваков меч од кој јавноста очекува нешто многу повеќе од еден обичен прволигашки македонски натпревар. Ќе направиме се за да тоа да биде така“ – ни вели македонскиот младински репрезентативец Димитар Данев.