Пелистер имаше добар старт во новата сезона од ПМФЛ, но откако извојува две победи во 2. и 3. коло со Брера и Шкупи, остана без бодови во следните три средби со Македонија ЃП, Арсими и Работнички. Гостувањето на Башкими во Битола нема да донесе никакви промени во поглед на подготовките за мечот и целите што ги имаат клубот и тренерот Димитар Капинковски.
“Нема посебен притисок за овој натпревар, бидејќи наша цел на секој настап е да играме на победа и да ги освоиме трите бода. Имавме мали промени во организација на играта поради првите повреди кои им се случија на некои фудбалери, но генерално зацртаните нешта се непроменливи без оглед дали играме со Башкими или со некој друг тим. Играчите кои го засилија Башкими во овој преоден рок заслужуваат респект поради своето искуство и квалитет кој го поседуваат, но Пелистер има само една цел, а тоа се три бода за радост на домашната публика,- изјави предводникот на битолскиот клуб, Димитар Капинковски.
Последниот меѓусебен дуел на двата тима бил во рамки на Втората македонска фудбалска лига, во сезоната 2023/24 кога во двата случаја славел Пелистер. Последниот триумф на Башкии датира од 2008 година, во меч од ПМФЛ. На вкупно осум меѓусебни средби, Пелистер има пет победи, една нерешена, а два пати славел тимот од Куманово. Последнот меч од 7. коло на ПМФЛ се игра денес во Битола, со почеток од 15.30 часот.