Англискиот шампион Ливерпул потешко од очекуваното успеа да го победи Саутемптон со 2:1 и да се пласира во 4. коло на Лига Купот на Англија. Во меч во кој „црвените“ тргнаа со комбиниран состав, ѕвезда на првото полувреме беше најскапото засилување на Ливерпул, Александер Исак, кој со својот гол-првенец му донесе водство на Ливерпул од 1:0.
Гостите во второто полувреме искористија една грешка на домашните и со голот на Чарлс во 76. минута израмнија на 1:1. Сепак, домашните со голот на Екитике во 85. минута успеаја да дојдат до ново водство за победа. Треба да се напомене дека Екитике, очигледно заборави дека има жолт картон, па непотребно го соблече дресот и доби втор жолт картон, по што Ливерпул остана со 10 на теренот во последните 10-тина минути.
Фудбалерите на Челзи губеа со 1:0 по првото полувреме на гостувањето кај нисколигашот Линколн Сити, но со брз пресврт за само две минути и тоа на стартот на второто полувреме успеаја да дојдат до посакуваните 1:2 и пласманот во 4. коло.
Пласман во следната фаза обезбеди и Фулам со минималната победа од 1:0 над Кембриџ Сити, како и Вулверхемптон, кој во дуелот на премиерлигашите со 2:0 го победи Евертон.
Одлично издание имаше Брајтон кој на гости кај Барнсли триумфираше со 6:0, додека големо непријатно изненадување на своите фанови им приреди Барнли, кој беше елиминоиран од Кардиф сити по поразот на домашен терен од 1:2.