На 87 години почина хрватската тениска легенда

49
Фото: Тениски клуб Сплит

Никола Пилиќ, великанот на хрватскиот и светскиот тенис и легендарен селектор на репрезентацијата во Дејвис Куп, почина на 87-годишна возраст во Риека, пренесува ХРТ. Во 2005 година ја одведе Хрватска до најголемиот успех – освојување на Дејвис Купот – а единствен е и по тоа што истиот трофеј го подигнал со уште две репрезентации: трипати со Западна Германија и еднаш со Србија.

Пилиќ остави длабока трага и надвор од терените. Се смета за еден од клучните луѓе во создавањето на АТП и модерниот тениски систем, со што силно ја обележа професионализацијата на „белиот спорт“. Како тренер работеше со бројни врвни играчи, а особено се памети неговата улога во кариерата на Новак Ѓоковиќ, кому му помогна на почетокот од патот кон светскиот врв.

Никола Пилиќ е роден на 27 август 1939 година во Сплит, и припаѓа на генерацијата што ги обележа почетоците на професионалниот тенис на овие простори.

Тениската приказна ја започнал во тенискиот клуб во Сплит, а првиот посериозен пробив на меѓународна сцена го направил во шеесеттите години. Беше меѓу најпознатите југословенски тенисери на тоа време и пионер во претставувањето на тогашната држава на светско ниво. Неговиот најголем успех во сингл го постигна во 1973 година, кога стигна до финалето на Ролан Гарос. На париската земја го сопре Илие Настасе, еден од најдобрите играчи на тоа време.

Во кариерата освои пет титули во сингл и 11 во двојки.

Неговата кариера ја обележаа и контроверзии. Во 1973 година беше суспендиран поради одбивање настап за југословенската репрезентација во Дејвис Купот, а тој случај имаше огромни последици бидејќи дури 81 играч тогаш го бојкотираше Вимблдон во знак на поддршка. Тоа беше еден од најголемите спортски протести во историјата на тенисот, а името на Пилиќ влезе во аналите на светскиот спорт.

По играчката кариера стана успешен тренер. Особено се памети неговата работа во Дејвис Купот – со репрезентацијата на Германија го освои трофејот во 1988, 1989 и 1993 година, а подоцна и со Хрватска во 2005 година стигна до историската титула.

ПретходноГолманот на Шкупи заработи суспензија од три натпревари
Следно„Знаеме каква атмосфера не очекува во Битола, но веруваме дека можеме да им создадеме проблеми„