Пелистер – Башкими 1:2 е исходот од последниот меч од 7.коло во ПМФЛ кој се одигра попладнево на стадионот “Петар Милошевски“ во Битола. Ова е четврти пораз на битолчани во низа, од кој втор пред своите гледачи. Лошо, ужасно прво полувреме за составот на Димитар Капинковски, губеа и со 0:2. Тоа го искористија гостите кои со двата гола на Недим Хаџиќ имаа водство од два гола.
Во второто полувреме Пелистер заигра многу подобро, имаше и пенал кој не го искористи Ристевски, постигна и гол преку Спировски, ама на крајот сепак беше поразен.
Со овој пораз Пелистер и дефинитивно е во криза. Четири меча и четири порази, а допрва битолчани ги чека дуели со Струга ТЛ, Шкендија и Силекс.
А почна ужасно за домашниот состав. Веќе во 6.минута гостите од Куманово поведоа со 0:1 и тоа со голот на Недим Хаџиќ по една убаво изработена акција која интернационалецот од БиХ ја заврши со гол за голема радост на Башкими.
Пелистер како да беше во шок, ништо не му одеше, а веќе во 20.минута беше 0:2 за гостите. И повторно убава акција на гостите и повторно Хаџиќ умешно ја затресе мрежата на домашните. До крајот на првиот дел Башкими имаше уште две убави шанси, Хаџиќ имаше и зицер, но сепак на пауза се замина со тие 0:2.
Да кажеме и тоа дека домашниот стратег во 30.минута направи тројна замена.
Во второто полувреме некој друг Пелистер видовме на теренот. Домашните заиграа добро, борбено, а во 54.минута имаа и голема шанса за намалување на водството. Александар Ристевски од пенал не успеа да го совлада голманот на гостите Јашар, кој на одби таа топка а на таа одбиена топка налета Марјан Ристовски кој со шут со глава ја погоди само стативата. Сега и среќата не беше со битолчани.
Сепак голот дојде во 65.минута кога една топка дојде до Спировски во гостинскиот казнет простор, а искусниот играч за врска знаеше што треба да стори за 1:2.
Тука Пелистер не застана, тргна со сите сили во напад за израмнување, но затоа Башкими во неколку наврати опасно се закани, малку недостигаше во двет ситуации да биде 1:3. А во 88.минута Јахја ја погоди и пречката, сега кумановци немаа среќа.