Откако КК Пелистер не успеа да ги мине квалификациите за Лигата на Шампионите, овој клуб својата дебитантска европска сезона ќе ја продолжи во ФИБА Европа купот.
Цедевита јуниор од Хрватска и Керавнос од Кипар се ривали на „пелистерци“ во групата Д, последна екипа ќе биде Левице од Словачка или Калев од Естонија.
ФИБА денеска го објави и распоредот на натпреварите, а битолчани од 15 октомври до 19 ноември, ќе одиграат шест меча во кои ќе се обидат да стигнат до едно од првите две места во групата.
Македонскиот претставник во првото коло на 15 октомври во Загреб ќе гостува на Цедевита Јуниор, а првиот историски европски меч во Битола ќе го игра седум дена подоцна, против Левице или Калев.