Давид Бабунски: Македонскиот фудбал е во добри раце

371

Огнен Чак Дојчиновски

Нема дилеми дека Давид Бабунски, некогашниот младинец на големата Барселона е едно од најголемите имиња, странски или домашни кои што заиграле во домашниот ПМФЛ шампионат. Повремениот наш репрезентативец на огромно изненадување на јавноста летово се реши да му се приклучи на најтрофејниот македонски фудбалски колекив, тимот на Вардар и да го направи неговиот и онака силен ростер уште по јак.

Давид Бабунски е еден од нашите најголеми таленти некогаш родени. Дали го исполни целосно својот несомнен потенцијал и талент ќе покаже времето, но во секој случај тој во моментов има 31. Година, и има уште многу што да каже на фудбалскиот терен. Во само два одиграми мечеви во дресот на Вардар веќе покажа дека е лидер, носител на играта и дека воопшто не му е потребно време за адаптација.

„Нормално дека не беше лесна одлуката да потпишам за Вардар и да дојдам во македонскиот шампионат. Сепак, се решив да го сторам тоа, и од моментот кога се обврзав на соработка, нештата почнаа да ми стануваат јасни. Ми олесна некако, и секој момент минат на тренинг, на натпревар, меѓу моите соиграчи, во клубот, ми дава за право да мислам дека сум ја донел правилната одлука. Одлично сум прифатен. Одлични соиграчи, скромни, хомогена група на момци. Условите се топ. Начинот на работа наметнат од стручниот штаб уште подобри. Квалитетот на раководните структури кои што во изминатиот период ги донеле правите одлуки за клубот. Се чувствува големината на ФК Вардар и правецот каде што клубот сака да оди“ – го започнува разговорот со Спортспорт, Давид Бабунски, некогашниот капитен на У21 репрезентацијата на Македонија, и момчето кое што со тој национален тим беше дел од младинското европско првенство во Полска во 2017. Година.

Ја поздравувам желбата македонскиот фудбал да се дигне на повисоко ниво

„Верувам во подобро утре на македонскиот фудбал. Затоа и сум тука. Убеден сум дека моменталната владејачка гарнитура на Федерацијата има капацитет и план да го обезбеди тоа. Мислам дека мак фудбалот е во добри раце. Се презема одговорност од водството на ФФМ, се носат капитални одлуки што се во насока на подобрување на македонскиот фудбал. И тоа за многу краток период. Среќен сум што во моментов сум дел од Вардар од овие случувања, зошто сум убеден дека се работи за клучен момент. Дека од ова ќе следува нешто многу поголемо и подобро како за клубот, така и за македонскито фудбал воопшто“ – вели Бабунски.

Вардар е на добар пат сезонава

Вардар по годините во кои беше во тотална хаварија во моментов е стабилизиран. Од секаков аспект. Организациски, финансиски, структурно, играчки, резултатски….

„На добар пат сме. И клубот во целина, и ние како тим, резултатите, играта. Веќе 25 мечеви без пораз. Тоа е знак дека се работи како што треба. Дека клубот има план, амбиции. Нормално дека ова е само почеток. Никој не сака да се задоволи со ова. Вардар има капацитет и квалитет за многу повеќе. Само така треба да размислува секој кој што е дел од најголемиот македонски фудбалски клуб, Вардар. Лично, уживам да сум во таква ситуација. Да сме под притисок да направиме нешто големо. Да освоиме титула, да одиграме супер во Европа“ – вели Бабунски за Спортспорт.

Чест и обврска е дресот на Вардар кој за мене е семејна традиција

Презимето Бабунски има тежина кога станува збор за мак фудбалот, а особено за Вардар. Таткото на Давид, Бобан Бабунски е една од легендите на клубот. Некогашниот репрезентативец на Југославија, а потоа и на Македонија во „црвено – црниот“ дрес одигра сериозни партии, и остана во сеќавањата на постарите навивачи како еден од најдобрите играчи во историјата на клубот.

„Чест е да се биде дел од Вардар. Од најразични причини за мене. Вардар е македонскиот бренд и во екс Југославија, а и ден денес на меѓународна сцена. Клубот на татко ми Бобан, клубот на моето семејство. Тоа не е мала работа, напротив. Постои нешто што се вели традиција, историја, семејна лоза….тоа не се брише“ – вели офанзивецот на Вардар, на тема „црвено – црн“ дрес, па поентира.

„Се има своја тежина. Дресот на Вардар има своја тежина. Јас доаѓам од средина која што е во светски рамки сериозна. Цели десет години бев дел од Барселона. Клуб каде што од најмала возраст учат што значи да си дел од него. За традицијата, за историјата, за се она што претставува клубот Барселона. Синонимот за Каталонија, за фудбалот во Шпанија. Таму од дете те учат дека победата е единствената опција, дека не постои друго. Јас сум со тој менталитет израснат. Начинот на кој што се тренира се работи таму мене ми е врежан за цел живот. Не само фудбалскиот туку воопшто.Животниот кодекс наречен „Барселона“ го носиш до крајот на животот. Со тоа не можев да се помирам во неколку клубови каде што бев член. Сега сум повторно среќен. Во Вардар само победата е опција и тоа ме прави исклулително горд. И пак ќе повторам, среќен. Јас сум среќен во Вардар“ – резимира еден од најдобрите фудбалери кои што Македонија некогаш ги имала.

 

ПретходноСелекторот на одбојкарките ќе и биде нов тренер на Јонузи во Ново Место
СледноВИДЕОЛОТАРИЈА ГОРДО ГО СЛАВИ УСПЕХОТ: БРОНЗА ЗА МИЛИЈАНА РЕЛИЌ НА ОПЕН Г1