Коментар на 7.коло: Струга ТЛ и Вардар ГАЗАТ, Шкендија едвај победува, Пелистер има “четири од четири“ ама во порази!

195

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчера со мечот Пелистер – Башкими, кој заврши со 1:2, се заокружи и седмото коло од тековната сезона. И веднаш за битолчани кои на своите фанови им приредија уште еден шок, четврти во низа или втори по ред на свој терен. Тимот на тренерот Димитар Капинковски има сега “четири од четири“ ама во пораз и гол – разлика на тие четири меча 2:11.

Неверојатно, но така е. Пелистер и тоа како е во криза, “црната“ серија никако да запре, а допрва во следните три кола ќе игра со Струга ТЛ, Шкендија и Силекс. Да не си му во кожа на Капин.

Ако е за утеха, тогаш тоа е како неговите избраници одиграа во второто полувреме со Башкими, ако е за утеха, а секако дека не е.

Струга ТЛ успеа да го добие супер – дербито во Кратово кај Силекс со 1:3 и да покаже дека овој тим и тоа како си има свои математики во битката за титулата. Од друга страна од тимот на Александар Васоски повеќе се очекуваше. Ако Силекс сака титула не смее да губи на овие мечеви, а Силекс е во серија од два порази и затоа е со -4 бода во однос на Струга ТЛ и Вардар.

Најтрофејниот имаше проблеми во “Соседското дерби“ бр.80. Работнички одлично го отвори мечот на Арената, и тоа со рано водство од 0:1. Откако видоа дека не е како што треба, вардарци заиграа како што им доликува и на крајот со пресврт славеа со 3:1.

Шкендија и кога не блеска, сепак победува. Така беше со Тиквеш на свој терен, така беше и денеска со Работнички на ФФМ во заостанатиот меч од 4.коло. И двата меча составот на стратегот Јетон Беќири ги доби со по 1:0. Би се рекло рутински, но дали е баш така?

Јасно е дека сега сите мисли се кон Лигата на Конференции, ама Европа ќе биде и ќе помине, а Шкендија не смее да си дозволи Струга ТЛ и Вардар да и побегнат бодовно. Сега е само -2 бода, јасно е дека тоа се надополнува, ама…

И тоа како беше жешко на второто скопско дерби на Чаир меѓу Шкупи и Македонија ЃП. И повторно проблеми, и повторно работа за надлежните комисии на ФФМ. А ова беше првиот меч за Шкупи на Чаир во оваа сезона.

Брера искрено изненади, и со играта и со победата над Арсими и во право се струмичани кога велат дека некои прерано ги отпишале. Брера има што да каже во битката за опстанок.

И на крајот за случувањата во Тиквеш.

Уште еднаш се покажа дека не треба на секого да му се верува. Турскиот спонзор сам се најави во Кавадарци како нешто големо.
И ништо од тоа. И клубот, а посебно играчите три месеци не видоа денар. А без пари нема фудбал. Сега ќе биде многу тешко некои работи да се вратат во нормала, посебно ако се знае дека се најавуваше моќен и силен Тиквеш.

Штета.

Ова нека биде добра лекција за сите нас кои сме во мак – фудбалот.

ПретходноТИМ И ИГРАЧ НА 7.КОЛО: Блесок на Хамза во Кратово
СледноВеспрем со цел плен од Букурешт, Алборг сигурен дома