Екипата на Пелистер не успеа да дојде до посакуваната втора победа во Лигата на шампиони, откако на домашен терен беше поразена од ГОГ со 28-31 во меч од третото коло. Ова е голема штета бидејќи трибините беа исполнети до последното место, а ракометарите на Пелистер не успеаја да им подарат триумф на „Чкембари“ за нивниот 40-годишен јубилеј. За македонскиот првак ова беше втор пораз, додека за гостите прва победа.
Манасков со девет гола беше прв стрелец кај Пелистер, зад него беше Кузмановски со осум. Кај ГОГ, Бјере беше непогрешлив со 13 погодоци, Лике беше стрелец на девет погодоци.
Пелистер на крилата на своите навивачи леташе на теренот, мечот го отвори со 9-4, позитива до која дојде благодарение на серијата од 6-1. Во овој период гостите грешеа благодарение на добрата дефанзива и одличната реализација, беа 100% во нападот. По последните плус пет (10-5), гостите се издигнаа со серија и дојдоа на минус еден (12-11) во 25-та минута. Македонскиот првак цели 12 минути беше без постинат гол. Пешевски го скрши „мразот“, но ГОГ Гудме веќе се разбуди, со деветиот гол на Фредерик Бјере израмни на 14-14 .
Гостите во вториот дел отворија моќно, благодарение на серијата од 5-1 дојдоа на највисоки плус четири (15-19) во 37-та минута, Бутаф имаше две одбрани. Во 35-та минута Хосни го постигна првиот гол за Пелистер. Гарабаја повика тајм-аут, неговите момци одговрија за 17-19. Данскиот тим ја казнуваше секоја грешка на битолчани, во 42-та минута поведе со плус 4 (18-22), период кога беше со играч помалку и не искористи напад за +5.
ГОГ постојано играше „седум на шест“, и конечно почна да греши, а Пелистер со трите погодоци на Манасков ја врати неизвесноста, на неше повеќе од 11 минути до крајот беше 23-24. Гостите искористија техничката грешка за 23-26, се чекаше дефанзивата да проработи многу подобро во редовите на Пелистер, но наместо тоа Хенигман доби исклучување. Манасков во 56 минута го промаши првиот удар од седум метри, но украде топка и намали на 26-28. Не остана многу време за Пелистер, гостите максимално ги трошеа минутите, а Лике стави печат за 28-31.
Пелистер следниот меч во ЛШ го игра против Висла на гостински терен.