Селекторот на женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, Стефан Пауновиќ во новата сезона ќе биде тренер на словачкиот прволигаш Ново Место. По две години минати во финска Вампула стратегот од оваа година ќе ги здружи силите со македонската репрезентативка Ерјона Јонузи во новиот клуб.
Организаторот на играта во националниот тим од минатата сезона го носи дресот на Ново Место, а сега работата од репрезентацијата ќе ја продолжи во клупската средина под водство на Пауновиќ.
Србинот по успешното лето со селекцијата на Македонија, која ја предводеше до прва победа на европско тло по пауза од 17 години, се посветува на нови клупски обврски, а ќе има и можност да работи со Јонузи во текот на целата сезона, што дополнително оди во прилог и за репрезентацијата. Во клубот со Пауновиќ и Јонузи како статистичар ќе работи и Татјана Поповиќ, која е дел од стручниот штаб и на македонската репрезентација.
Пауновиќ претходно покрај ангажманот со сениорскиот национален тим на Македонија, ја водеше и нашата селекција до 19 години, додека на клупски план покрај Финска има работено и во Романија и Либија.