ГОГ Гудме до својата прва победа оваа сезона во Лигата на шампиони дојде на сметка на актуелниот македонски првак Пелистер. Данскиот тим среде Битола славеше со 28-31. Играта „седум на шест“, брзината и доминацијата во ситуациите „еден на еден“ беа клучни за конечниот исход во преполната сала „Боро Чурлевски“.
Тренерот на ГОГ, Каспер Кристенсен по завршување на мечот ги пренесе своите импресии и за играта, но и за атмосферата.
„Навистина имаме различни стилови на игра. Тешко беше да се снајдеме на стартот во првите 15 до 20 минути. Атмосферата беше навистина луда на почетокот. Сепак, од 20. минута мислам почнавме да играме многу добро, со брза игра и контранапади. Среќен сум што бевме добри во завршницата на првиот дел, тогаш го почнавме кам-бекот, а потоа продолживме во вториот дел. Мислам дека имаме многу разни можности, направивме многу комбинации. Нашиот тим може да игра добро седум на шест. Имаме брзи играчи, а и од претходниот дуел со ПИК Сегед со вакви тимови треба да наметнуваме нашето брзо темпо. Најважно за нас беше да направиме притисок и да го забрзаме натпреварот“, изјави Кристенсен.