Тениската легенда Бјорн Борг зборуваше за шансите на Новак Ѓоковиќ да освои и 25-ти Грен Слем, но и јасно стави до знаење кого смета за најдобар тенисер на сите времиња. Поранешниот шведски тенисер рече дека сака да го види Ѓоковиќ како игра уште една година, но призна дека тоа ќе биде тешка задача за 38-годишниот српски тенисер.
Во разговор за „Скај Спортс“, Борг му даде целосна поддршка на Ѓоковиќ, велејќи дека дефинитивно може да дојде до уште еден Грен Слем трофеј во својата кариера, па дури и да го стори тоа во претстојната сезона и покрај силната конкуренција од Јаник Синер и Карлос Алкараз.
„Знам дека сака да го освои тој 25-ти Грен слем турнир. Се надевам дека ќе игра уште една година, барем следната година, поради тенисот што го игра. Ќе биде тешко и со Синер и Алкараз, како и со некои други играчи, но сепак, тој може да го стори тоа“, рече Борг.
Борг, исто така, го нарече Ѓоковиќ свој омилен играч на сите времиња, ставајќи го пред пензионираните легенди Роџер Федерер и Рафаел Надал.
„Мислам дека според начинот на кој игра, Ѓоковиќ, за мене, е најголемиот играч што некогаш ја играл оваа игра. Потоа второто место го заземаат Федерер и Надал“, заврши Борг.