Екипата на Тиквеш се соочува со проблеми на стартот на сезоната. Пред се од организациски аспект. Новиот спонзор кој што требаше да донесе стабилност и финансиска сигурност на клубот, го донесе сосема спротивното, па сега градските власти повторно го имаат главниот збор кога станува збор за Тиквеш.
Кавадарчани резултатски и не стојат така лошо на табелата со оглед на се што се случуваше периодов. Со евентуален триумф денеска на свој терен од 15:00 часот против Македонија ЃП, нештата може само да се подобрат, што е и примарна цел во Кавадарци во моментов.
„Мора да се признае дека ова е турбулентен период за Тиквеш. Доколку победиме денеска ќе се вратиме во некоја нормала што се вели. Штета што против Шкендија на гости одигравме супер меч, а не сме наградени барем со бод. Сепак, сигурен сум дека и на нас во еден момент ќе ни тргне, не може Тиквеш вака да „тера“ до бесконечност. Ако ја погледнете табелата самите ќе се уверите дека екипите горе долу се тука. Реално, послабо не можевме да започнеме. Изедначено е. Тоа значи дека Тиквеш и покрај слабиот старт не заостанува премногу зад останатите. Да не создаваме шанси, да не играме, и да не жалиме за ношто, но вака. При создадени толку многу ситуации, зицер шанси, а само три постигнати гола, тоа значи само едно. Мора да се подобри реализацијата. Се некако се насобра за Тиквеш есенва, но се надевам дека многу бргу ќе излеземе од оваа ситуација“, изјави искусниот Алекдандар Вареловски.
Екипата на Македонија ЃП на последните четири меча во домашниот шампионат има три победи и еден пораз. „Паднаа“ Пелистер, Брера и Шкупи, додека доживеан беше неуспех против Вардар на Арената. Се на се, и повеќе од солиден период за „Лавовите“ кои што полека но сигурно се икачуват на табелата, па нови бодови ќе бараат на тешкото гостување во Кавадарци.