Марк Маркез ја освои Јапонија за седма светска титула

24
Фото: Мото ГП Х

Шпанскиот мотоциклист Марк Маркез на „Дукати“ ја освои Големата награда на Јапонија и стигна до својата седма титула светски првак во МотоГП, прва по 2019 година, откако четири трки пред крајот обезбеди недостижна предност во генералниот пласман.

Маркез во Јапонија требаше да го надмине својот брат и единствен конкурент за титулата, Алекс од „Гресини Рејсинг“, за три или повеќе поени. Во неделната трка заврши втор, зад својот тимски колега, Италијанецот Франческо Бањаја, со што ја осигура титулата. Џоан Мир на „Хонда“ беше трет, додека Алекс заврши шести, што му донесе на Марк предност од недостижни 201 поен.

Алекс прв му пријде на Марк и му честиташе, топло прегрнувајќи го во моментот кога запреа. Марк емотивно го доживеа освојувањето на титулата, по трката заплака гледајќи на големиот екран монтажа од сите негови проблеми во изминатите шест години – повеќе од 100 падови и четири операции, пред повторно да се искачи на врвот по 2184 дена.

32-годишниот Каталонец со тоа му се приклучи на италијанската легенда Валентино Роси, неговиот поранешен голем ривал, со седум титули во премиерната класа на мотоциклизмот, и му се доближува на рекордот на уште една славна италијанска икона – Џакомо Агостини, кој освојувал осум пати.

Марк има девет светски титули, вклучувајќи ја онаа во класата 125cc од 2010 година и во Мото2 од 2012 година. До крајот на сезоната во МотоГП остануваат уште трките во Индонезија, Австралија, Малезија и Португалија.

ПретходноЃоковиќ на погребот на Пилиќ: Ние сме негови ученици, негово наследство…
СледноРајковиќ по големата победа над Фенербахче: Оваа атмосфера – заслужи ваква игра!