Никола Јокиќ наскоро ќе започне подготовки со Денвер за новата сезона, која може да биде клучна за неговата иднина во клубот. Во текот на летото, Јокиќ одби нов договор со Денвер, со што испрати јасна порака дека е време за поголеми промени, а клубот брзо реагираше и состави поинаков тим.
Сепак, останува да се види дали тоа ќе биде доволно за Јокиќ да остане и понатаму, бидејќи околу него сè повеќе почнаа да „обиколуваат“ и други НБА клубови, за кои одбивањето на договорот беше јасен сигнал.
Со тој потег на Јокиќ се занимаваше добро информираниот „Денвер Пост“, кој истакна дека „околу најдобриот кошаркар на светот почнаа да кружат ајкули“ и да тестираат дали можат да го доведат, бидејќи нема клуб што не би сакал да го има во своите редови. Но, Јокиќ останува приврзан за Денвер, клубот што го драфтуваше и со кој досега освои еден шампионски прстен.
„Јокиќ реши да не го потпише договорот вреден 207 милиони долари, кој му беше понуден летово, туку повеќе сакаше да почека до летото 2026 за да продолжи со ‘преговори’ (ако може така да се нарече) со Денвер. Неговата одлука да чека е финансиски мотивирана. Нагетс следното лето можат да му понудат дополнителна година – односно околу 80 милиони долари повеќе“, пишува „Денвер Пост“.
„Тоа, сепак, не ги спречи ривалите да почнат да смислуваат планови. Како што напиша новинарот Сем Амик, Вориорсите, Клиперсите и Лејкерсите гледаат да го релаксираат ‘селари кеп’-от за 2027 година, бидејќи тогаш ѕвезди како Јокиќ и Јанис Адетокунбо од Милвоки имаат играчка опција и можат да излезат од договорот“, се додава за шпекулацијата што станува сè погласна во НБА лигата.
„Дали тоа е сон што е тешко остварлив за другите клубови? Веројатно. Но, така функционира НБА. Кога постои и најмала несигурност околу иднината на играч кој неодамна 19 од 20 анонимно анкетирани НБА функционери (според ЕСПН) го избраа за најдобар на светот, ајкулите почнуваат да кружат. Зад кулисите, Денвер останува уверен дека Јокиќ нема никаде да замине“, се наведува во текстот.
Наскоро Никола Јокиќ треба да пристигне во Америка и да им се приклучи на соиграчите, а ќе се види дали ќе се осврне на оваа тема.