Работнички се наоѓа на незавидна позиција на табелата, на претпоследното место, и нема многу избор, едноставно мора да победува и да собира бодови за да побегне што е можно побрзо кон средишниот дел. Затоа, дуелот против АП Брера е многу значаен, а избраниците на тренерот Алпарслан Ердем гледаат шанса да се вратат на победите.
Според дефанзивецот Виктор Велкоски, редно време е за победа и три бода.
„Работиме напорно, ги анализираме натпреварите и знаеме дека и покрај тоа што бевме поразени од Вардар и од Шкендија, се забележува напредок во играта. Веруваме и очекуваме дека тоа ќе даде ефект на дуелот против Струмичани, дека ќе победиме и ќе освоиме три бода. Во никој случај не го потценуваме младиот тим на Брера, но едноставно наш императив се бодовите на овој меч“, изјави Виктор Велкоски.
Фудбалерите на АП Брера забележаа две победи на последните три натпревари и забележаа скок на табелата, но сега сакаат да продолжат во ист стил и на гостувањето во Скопје, на дуелот со Работнички. Младиот стратег Мартин Алаѓозовски вели дека тимот е подготвен за надигрување.
„Го респектираме Работнички, мислам дека имаат многу квалитетен состав. Но, и ние сме мотивирани да одиграме добро на Арената во Скопје и да освоиме бодови. Доаѓаме да се надигруваме, имаме тим кој има што да каже на секој натпревар во елитата. Ќе сториме сѐ да освоиме бодови и да продолжиме со позитивен тренд во шампионатот“, вели шефот на стручниот штаб на АП Брера.
Натпреварот меѓу Работнички и АП Брера се игра од 15:00 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.