На Јужна Африка ѝ беа одземени клучните три бода во квалификациите за Светското првенство поради настап на играч кој немал право да игра. Со ова Ј. Африка значително си ги намали шансите да се квалификува за СП 2026, објави „Индепендент“.
ФИФА денеска ја потврди одлуката на својата дисциплинска комисија, прогласувајќи ја Јужна Африка за виновна за користење на играчот од средниот ред Тебохо Мокоена во нивната победа од 2-0 над Лесото во март. Тој требаше да го пропушти натпреварот поради два жолти картони кој ги доби на претходните натпревари од Групата Ц. Затоа натпреварот беше регистриран како 3-0 за Лесото, на Јужна Африка и беа одземени три бода, казнета со 10.000 швајцарски франци, а самиот Мокоена беше казнет.
Со оваа одлука целосно се смени пласманот во групата. Бенин сега го зазема првото место благодарение на подобрата гол-разлика, израмнета со Јужна Африка на 14 бода, а остануваат до крајот да се одиграат уште две кола. Фаворитите во групата, Нигерија, сега заостануваат три бода, како и Руанда. Да потсетиме дека само победниците од групите обезбедуваат директен пласман на Светското првенство, додека второпласираните ќе играат дополнителни квалификации.