Американскиот интернационалец, Мек Смит е најновото засилување за тимот на МЗТ Скопје Аеродром, кое што денеска потпиша едногодишна верност со клубот. Тој е четвртото засилување за „Штрковите“ од САД за претстојнава сезона.
Станува збор за одличен шутер, кој добро ги познава приликите во македонската кошарка, откако претходно настапуваше за екипите на Академија ФМП и за Тиквеш. Смит има и одлична универзитетска кариера зад себе, со оглед што е рекордер по бројот на натпревари на кои постигнал тројка во НЦАА лигата. Неговиот рекорд изнесува 91 натпревар со најмалку еден прецизен удар за три поени. Тој е и само вториот интернационалец во макбаскетот со остварен трипл-дабл и тоа во дресот на ФМП.
Смит се очекува неделава да им се приклучи на своите нови клупски колеги и да му се стави на располагање на стручниот штаб за стартот на домашното првенство и на АБА2-лигата. Првиот следен меч за нашиот тим е против Маџари следниот викенд, а на регионална сцена почнуваме следниот вторник (7 октомври) против Вршац.