Вардар 1961 остана перфектен, Пелистер падна во „Јане Сандански“ (ФОТО+ВИДЕО)

1

Ако се суди според првата пресметка во Супер-лигата меѓу Вардар 1961 и Пелистер не чека интересна сезона. Со многу емоции, драма, голема и безкомпромисна битка на теренот мина вечното дерби. Победник излезе Вардар 1961, кој славеше со 31-28 и остана перфектен, сега има пет триумфи во исто толку одиграни мечеви за зацрвстување на врвот на табелата. За битолчани ова беше прв пораз, има едно реми и три победи.

Тузолана, Малус и Боно имаа по шест погодоци, но главен фактор за победата на Вардар беше Валах кој запиша девет одбрани, и Талески кој имаше три погодоци во моментите кога се „кршеше“ резултатот. На другата страна Манасков имаше девет гола, Митревски осум интервенции.

Манасков го отвори мечот за 0-1, Вардар по одбрана на Гогов и три неискористени напади на гостите, со двата гола на Малус и еден на Хориха поведе со 5-2 во седмата минута. Гарабаја повика тајм-аут, Пешевски и Цехте доближија на 5-4, а Вардар остана со играч помалку на теренот.

Борозан во 12-та минута зарботи црвен картон после груб старт врз Кузмановски при 6-5. Но, ова не смени ништо, Вардар поведе со 8-5 во 14-та минута. Битолчани направија промена на голот, Брестовац застана на местото на Митревски.

После 11-8 во 19-та минута и тајм-аутот на Чупиќ, Пелистер дојде на 11-10. Дербито беше прекинато 23-та минута (13-11), на теренот настана хаос при влегувањето на гостинските навивачи во салата. На голема среќа после шест минути, мечот продолжи. Во 26-та минута се повреди Брестовац, Митровиќ падна врз неговата нога. Тулозана, две минути подоцна зголеми на 16-13. На одморот беше 16-14.

Со три гола во низа, Пелистер успеа да дојде до изедначување 18-18 после седум минути игра во вториот дел. Боно со два седмерци зголеми на 20-18 во 40-та минута. Сепак неизвесноста продолжи, и тоа благодарение на Митревски, кој влезе во ритам. На другата страна проработе Валах, па Вардар врати со 3-0 за 24-21 на средината второ полувреме. Гарабаја повика тајм-аут. „Црвено-црните“ промашија два напади, еден седмерец за плус 4. Митревски врза три одбрани, еден пенал и зицер.

На нецели девет минути до крајот, Вардар повторно поведе со три гола (27-23), и не искористи одбрана на Валах за да дојде до плус четири. Истата слика беше и при 28-25 во 55-та минута. Хенигман и Павле Атанасијевиќ казнија и ја вратија драмата (28-27). Валах запиша и одбрана од седум метри, а Талески со вториот гол го трасираше својот тим кон победата (30-27). Ова беше клучниот момент, иако Хориха доби непотребно исклучување на 57 секунди до крајот, откако Пелистер реализираше за 30-28. Талески уште еднаш се покажа најдобар кога беше најпотребно за крај на сите дилеми.


ПретходноЊукасл убедлив кај Унион, Карабах го “скрши“ Копенхаген!